Нутритивна вредност и здравствени придобивки од смоквите

Вкусни и здрави! Смоквите изобилуваат со здрави растителни влакна, витамини и минерали. Нивната употреба за лековити цели има навистина долга историја. Во продолжение ви откриваме нешто повеќе за нутритивната вредност и здравствените придобивки од смоквите.

Смоквите се овошје кое има единствен сладок вкус и специфична текстура, полна со малечки крцкави семки. Бидејќи свежите смокви имаат покарактеристичен вкус, тие често се сушат или пак од нив се прават разни џемови и слатка. Во сувите смокви може да уживате преку целата година, додека свежите ги има само во одредени периоди од годината. Карактеристични се за Блискиот исток и Медитеранот, каде што се и особено ценети.

Нутритивна вредност на смоквите

Смоквите се богати со природни шеќери, минерали и растителни влакна. Од минералите во ова овошје преовладуваат калиумот, калциумот, магнезиумот, железото и бакарот. Исто така, тие се богат извор и на антиоксиданси, како витамините А и К. Благодарение на овие хранливи состојки, смоквите имаат благопријатно дејство врз целокупното здравје.

Во поглед на нивната калориска вредност, во една порција од 100 г свежи смокви се содржат 80 калории, 1.3 г протеини, 0.3 г масти, 20.3 г јаглени хидрати и 2.2 г растителни влакна. Во сувите смокви ситуацијата е малку поинаква, па така во порција од 100 г има околу 249 калории, 3.3 г протеини, 0.9 г масти, 69 г јаглени хидрати и 5.6 г растителни влакна.